Тешкото
О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,
штом тапан ќе грмне со подземен екот - во градиве зошто жал лута ме стиска, во очиве зошто навирува река и зошто ми иде да плачам ко дете, да превијам раце, да прекријам лик - та гризам јас усни, стегам срце клето, да не пушти вик. О тешкото! Старци излегуват еве, на чело им мисла, во очи им влага и првиот чекор по меката трева е мирен и бавен, со задржана тага. Но 'рзнува тапан и писок се крева и молнија светнува во секој глед, и напред се пушта, се стрелка, се слева стегнатиот ред. До старците момци се фаќаат скокум; не издржа срце - сив сокол во клетка, не издржа пламен жив потулен во око, не издржа младост што сака да летне! Се залула оро! Се заврте земја, и чиниш - се корне стресениот век, и околу трпнат ридиштата темни и враќаат ек. И божем се врасло кипнатово оро со исконска сила за земјава наша и во него шуми на реките зборот, и во него рика див ветер и страшен и во него шепнат узреани житја и вечерен мирис се разлева тих, и земјата дише во пролетна ситост со запален здив. И душата, чиниш, на родот мој мачен во тешково оро се уткала сета - век по век што трупал сè попуст и мрачен од крвава болка, од робија клета, век по век што нижел од корава мисла за радосна челад, за слободен свет, од песна - за љубов што гине со пискот ко жерав во лет. О тешкото! Кога во молк да те гледам, на очиве магла ми напаѓа сура, и одеднаш - в бескрај се растега редот и ридја се губат в пустелија штура - и еве кај иде од маглата матна сè сенка до сенка, сè еден до друг - во бескрајно оро син оди по татка, по деда си - внук. О тешкото! Синџир ти беше на робја, дур не стана народ во листена гора, сè дури со јадот од векови собран не поведе бујно, бунтовничко оро! се залула танец низ крвје и огон, и повик се зачу и грмеж во чад - те разнесе сегде бунтовната нога по родниот кат. О тешкото! Сега по нашите села во слобода првпат штом оро ќе сретнам, зар чудно е - солза да потече врела, зар чудно е - жалба јас в срце да сетам?! Од вековно ропство, мој народе, идеш но носиш ти в срце дар златен и пој. Пченицата твоја триж плодна ќе биде, И животот твој! |
Анализа на песната :Мотив: Тешкиот живот на македонскиот народ и желбата за ослободување.
Поетски слики: Прва: Писокот и жалниот екот на тешкото оро. Втора: Старците со солзи радосници и првиот чекор кон меката трева. Трета: Силата на ''Тешкото'' да ги спои земјата и небото, и младото и старото. Четврта: Шепотот на ветерот и мирисот на земјата во пролетна ситост. Петта: Тешкиот живот на македонскјиот народ и желбата за слобода. Шеста: Богатата традиција на тешкото оро низ вековите. Седма: Бунтовничкото оро е повик за танц низ крв и оган. Осма: Бунтовничкото оро како најава за слободното утро и новиот ден. |